Пејсажи од бајките – “Пилоу лава (Pillow lava)”

На само 2 km југозападно од с. Миравци, на крајните источни падини на Кожуф, се наоѓа локалитетот “Пилоу лава (Pillow lava)”, кај месното население познато уште како и “Белиот Рај”. Појавата е на 185 m надморска височина, односно на вливот на Стара Река во Петрушка Река. Низ локалитет поминува локален пат што води од населбата Миравци до селото Петрово.

dscn1283

На вливот на Стара Река во Петрушка Река, двете реки изградиле мали сатески со кањонски карактер со висина од 13 m. По течението на самата река, на растојание од 500 m се оформиле два џиновски лонци, три слапа и два водапади. Првиот слап има должина од 9 m и во своето подножје има изградено џиновски лонец – вдлабнатина во карпестото речно корито под водопадот. Истиот има ширина од 11 m и длабочина од 3 m. Низводно по речниот тек, на растојание од 30 m по првиот слап е вториот слап со должина од 8 m, а веднаш по него има уште еден слап што има должина од 3 m. По трите слапа се јавува водопад со височина од 5,3 m, а неколку метри подолу по течението на реката е формиран и вториот водопад со височина од 7 m. Под овој водопад е уште еден џиновски лонец со широчина од 10 m, должина од 13 m и длабочина до 4 m. Интересна појава на овој локалитет е “pillow lava” настаната со излачување на магмата во водна средина. Како последица на нееднаквата температура на лавата и водата дошло до топчесто лачење, а самите карпи добиле елипсоидна форма. Денес истите се откриени со флувијалната ерозија на Стара и Петрушка Река. Овој локалитет има геолошко и геоморфолошко значење.

dscn1315

Геотуристички потенцијал
Сите овие кањонско-сатески долини, слаповите и водопадите со џиновските лонци, како и појавата на “pillow lava”, иако зафаќаат мала површина го прават овој локалитет да биде атрактивен за сите љубители на природата. Тој делумно е уреден за посетителите. На просторот околу првиот џиновски лонец има направено угостителски објект кој работи само во летниот период. За жал, во неговата изградба се употребени материјали кои го нарушуваат природниот амбиент. На веќе направеното може да се постават дрвени клупи и корпи за отпадоци. Треба да се постави информативна табла на македонски и англиски јазик на која ќе бидат опишани начинот на формирање на “pillow lava”, џиновскиот лонец и кањонот сатеска на Стара Река. На самиот локален пат кој што минува над локалитетот треба да се постави патоказен знак за да се означи каде се наоѓа истиот. На овој дел би требало да се уреди патека од природен материјал која ќе води до вториот џиновски лонец. Околу вториот џиновски лонец треба да се исчисти теренот и потоа да се постават дрвени клупи и маси како и корпи за отпадоци. Освен уживањето во водата што жубори и убавата глетка во кањонската долина овој предел може да биде искористен и за пешачење. Во населбата Миравци треба да се постави патоказен знак за локалитетот “Pillow lava”. На овој локалитетот може да се развие рекреативниот туризам.
Локалитет “Pillow lava” треба соодветно да се заштити за да не се уништи тоа што природата го создала. По автопатот Е-75 од Демир Капија па се до селото Удово може да се забележи појава на “pillow lava” кои достигнуваат големина и до 1 m. Оваа појава и локалитет се предложени да бидат заштитени со закон и да бидат ставени во категоријата споменик на природата. За да се заштити локалитетот забрането е изградба на инфраструктурни објекти, поставување на површински енергетски водови, фрлање на отпадоци во водата и во непосредна близина на локалитетот, сокривање или нарушување на поважните видици на споменикот со нови градби, огради, антени, загадување на водата, менување на водниот режим и др.
За да се почувствува сета убавина што ја нуди овој локалитет, најдобро е да ја посетите.

dscn1324

Користена литература:
1. Колчаковски Д. (2011); Нови евидентирани локалитети во Република Македонија во функција на заштита на геодиверзитетот; Билтен за физичка географија бр. 7-8; Скопје
2. Проект: Развој на транзитниот и алтернативниот туризам во Вардарскиот плански регион; Студија за идентификација на стратешки локации за организирање на информативни пунктови долж коридорот 10 и магистралниот пат М-5 во Вардарскиот плански регион, 2011

Автор: м-р Анита Тодорова